
Поранешниот претседател на Регулаторна на БЕГ му овозможил незаконски да наплати 6,7 милиони евра на штета на граѓаните
Голема злоупотреба на пари на граѓаните открива Министерството за внатрешни работи, тешка дури 6,7 милиони евра. Екс претседателот и уште двајца поранешни членови, како и една сегашна членка на Регулаторната комисија за енергетика заработија кривични пријави за злоупотреба на службената должност и овластување, поради основано сомневање дека незаконски и издавале лиценци на компанијата Балкан енерџи груп, како и дека одлуките за одредување на цените на парното не биле во согласност со Правилникот, па на компанијата и овозможиле да заработи 6,7 милиони евра на штета на граѓаните.
- Со носење одлуки спротивно на Законот за енергетика, Правилникот за лиценци за вршење на енергетски дејности и Правилникот за цени и системски услуги, му овозможиле на правното лице Дистрибуција на топлина Балкан Енерџи ДООЕЛ, а на штета на граѓаните – да оствари противправна имотна корист во вкупен износ од 409 милиони, 549 илјади и 941 денар, или 6 милиони 659 илјади и 349 евра“, соопштуваат од Одделот за организиран криминал на МВР.
Одделот за сузбивање на организиран криминал при МВР соопшти дека кривични се поднесени против Димитар Петров, кој беше и претседател на Регулаторна до средината на 2018 година, Видан Кулевски, кој бил член на РКЕ до март 2017, Елена Маркова Велинова, која била член на комисијата до декември истата година, како и против Светлана Јаневска, која и сега е член на РКЕ, позиција која ја има од 2008 година.
Од МВР велат дека пријавените, во својство на службени лица, Претседател и членови на РКЕ, на трите фирми на Балкан Енерџи им доделиле лиценци за вршење енергетски дејности, без при тоа да бидат исполнети условите и критериумите објавени во ноември истата година, со Јавен повик за избор на носители на лиценци.
- Според документирани сознанија од истрагата, тие, во декември 2012 година, донеле Одлука за издавање лиценца за вршење на енергетска дејност – производство на топлинска енергија од страна на регулиран производител, на правното лице Производство на топлина Балкан Енерџи ДООЕЛ, Одлука за издавање лиценца за вршење на енергетска дејност – дистрибуција на топлинска енергја на правното лице Дистрибуција на топлина Балкан Енерџи ДООЕЛ и Одлука за издавање лиценца за вршење на енергетска дејност – снабдување со топлинска енергија на правното лице Снабдување со топлина Балкан Енерџи ДООЕЛ“, велат од МВР.
Покрај ова, пријавените, во текот на пет години, почнувајќи од 2013 па до 2017, спротивно на Правилникот за цени и системски услуги, донеле повеќе одлуки, и тоа, за утврдување регулиран максимален приход за производство на топлинска енергија, надоместок за системски услуги, системска резерва и тарифен став, како и за регулиран приход за снабдување и дистрибуција, и со тоа на фирмите на кои претходно противправно им доделиле лиценци, им се признавал трошок поголем од дозволениот и така им било овозможено да остварат приход поголем од регулираниот дозволен максимален приход, велат од МВР.
Нина Нинеска Фиданоска