Поранешен телохранител на Мијалков пукал и ранил човек

Во оружен инцидент во Кочани, рането е едно лице.

Според полицијата во кратка вербална расправија Драганчо Стоименов, викан Дацо Белски пукал и го повредил Драган Здравев. Инцидентот се случил во кафе барот Аква во Кочани, попладнево околу 17 часот. Откако пукал и го ранил Здравев, Стоименов избегал. Полицијата трага по него. Стоименов има подолго досие во македонската црна хроника, имаше улога на сведок и оштетен во случајот Детонатор, а тогаш беше објавено и дека е телохранител на Сашо Мијалков. На рочиштата на судските процеси против Мијалков, многу често доаѓаше и Стоименов. Денеска иако немаше таков процес, Стоименов според судски извори доаѓал пред зградата на скопскиот кривичен суд.

Во една престрелка во Скопје пред 5 години, Александар Василевски Нинџа го нападна Стоименов и го рани, но во судскиот процес Нинџа доби минимална затворска казна.

Фото: Заедничка фотографија на повредениот и неговиот напаѓач. На сликата се гледаат Драганчо Стоименов (Дацо Белски) и неговата жртва Драган Здравев (на фотографијата десно). Од фотографијата се гледа дека двајцата порано имале пријателски односи.

Дополнување: Од скопскиот ургентен центар за Телма потврдија дека Здравев е донесен од Кочани. Не е во животно загрозувачка сотојба, но има две рани од куршуми, во пределот на рбетот и во лакт.

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ