
Пораката на Тито се враќа на Музејот на Македонија
Пораката од Јосип Броз Тито дека Скопје со помош на светската солидарност по земјотресот повторно ќе се издигне како град, е белег од историјата и го отсликува своето време. Таа со право повторно ќе стои на ѕидовите на Музејот на Град Скопје, сложни се скопјани.
Оние кои што се сеќаваат на кобното скопско утро пред 55 години, добро ја паметат и таа изјава напишана на разрушените ѕидови на некогашната железничка станица.
„Земјотресот скопски е дел од мојот живот бидејќи тогаш бев основно школо. Точно памтам се како се случи, а и после тоа како беше опоравувањето на Скопје. И многу значи нормално. И пораката и Тито и Скопје наше што сега не личи баш на тоа што го знаеме и тоа што значи за нашата генерација“.
„Дека имаше Тито удел за обновата на Скопје – имаше, во секој случај. Беше и многу значајна. Одзивот што го имавме во светот. Друго е Тито кога ќе кажеше нешто, а друго е некој друг. Во секој случај многу значајна беше. За и светот да помогне во подигањето на Скопје“.
„Ако не беше – ќе барав да се постави. Зошто? Затоа што тоа време не може да се заборави. Хуманоста е битна. А, тоа е хумано. Да се помогне било каде“.
„Треба да си се врати на своето место и не само ние туку и туристите што доаѓаат во Скопје да знаат што се случило во тоа време“.
Буквите повторно се местат на старото место, по големиот број граѓански иницијативи и сугестиите од Градот Скопје дека ред е тие да се вратат бидејќи носат со себе голема културолошка вредност.
„Ги враќаме буквите, ги подготвуваме за поставување. Ќе бидат поставени на истото место, истиот текст, со нешто малку видоизменето. Ќе бидат исто стиропор, сега е тврдо пресован стиропор а тоа е заради техничките причини. Ѕидот кој што е поставен, аквапанелот не трпи ништо друго. Инаку се обидувавме и со челик, како потрајно решение“, кажа Фросина Зафировска, директор на Музеј на Град Скопје
Изјавата на претседателот на СФРЈ стоеше со златни букви напишана на ѕидот на Старата железничка станица од 1974 година. Во 2001 таа е отстранета од тогашната власт.
Остатоците од лепакот на ѕидот стоеја се до неговата реконструкција пред неколку години и сведочеа за текстот кој некогаш убаво се читал.
„Тој текст ја отсликува солидарноста којашто се случи по катастрофалниот земјотрес и сето она во обновата на Скопје. Заради тоа сметам дека најмногу ги предизвикувало и им пречело на луѓето зошто било извадено“, кажа Фросина Зафировска, директор на Музеј на Град Скопје.
Буквите со пораката од Тито свечено ќе бидат откриени на пригодната манифестација за одбележување 55 години од скопскиот земјотрес. Таа ќе се одржи на 23 јули во музејот.
Петар Догов