Поради правни прашања одложена одлуката за екстрација на началниците од 5-тата Управа

Ништо ново од Атина. Врховниот суд на Грција го одложи рочиштето за екстрадицијата на поранешните началници во 5-тата Управа на УБК, Горан Грујевски и Никола Бошкоски. Наредното рочиште ќе се одржи за месец и половина, на 26-ти април. Денешното рочиште е прекинато поради правни прашања, објави агенцијата МИА. Целиот процес траел околу три часа, а детали од судницата нема бидејќи беше затворена за јавноста.

Во судницата биле присутни и обвинетите Грујовски и Бошкоски со своите адвокатски тимови. Адвокатите на бегалците барале судењето да се одржи зад затворени врати поради безбедноста на Грујевски и Бошковски и поради тоа што во нивниот исказ ќе има прашања кои се доверливи. Поранешните началници на македонската тајна полиција и нивните адвокати и во Врховниот суд во Атина рекле дека станува збор за политички прогон кон нив од властите во Скопје, а тие се обвинети за политички криминал.

Во Грција има три процеси против Грујевски и Бошкоски,  кривично дело за фалсификување на пасоши со кои беа фатени во Грција, барањето за азил кое двајцата го поднесоа на 29-ти ноември, а третиот процес е за екстрадицијата која ја бараат македонските власти и која во солунскиот апелационен суд беше одобрена на 5-ти јануари. Потоа Грујевски и Бошкоски поднесоа жалби до Врховниот суд.

Горан Грујовски и Никола Бошкоски во Македонија од СЈО се обвинети за случајот Тврдина-Таргет, за уништување на системот за следење на комуникации и за нелегално прислушување. За тој случај им е пределен притвор, но тие на крајот на јули веќе беа во бегство. Два месеци подоцна беа уапсени во Грција. Грујевски е обвинет во уште два случаи на СЈО.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ