
Пописот нема да добие електронска замена, граѓаните ќе добијат електронски идентитет
Сите лични податоци на граѓаните, почнувајќи од име, презиме, матичен број, јазик, пол, датум на раѓање и смрт, адреса и имиња на родители, до брачен статус и податоци од лични документи, наскоро ќе се собираат во Електронски регистар. Тоа ќе биде новиот електронски идентитет што ќе го добијат сите, без оглед на возраста. Но, дали овие податоци ќе можат да се користат и како електронска замена за традиционалниот попис? Министерот Дамјан Манчевски, вели – не.
Регистарот ќе се прави со вкрстување на податоци од различни институции, како МВР и Управата за водење на матични книги. Од граѓанскиот сектор велат дека, во иднина овој регистар би можел да биде замена за пописот, но кај нас е рано за тоа од причина што сега имаме неквалитетни и несинхронизирани регистри, што се покажа и при прочистувањето на избирачкиот список.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека проектот е идеја и концепт инициран од нивната влада, кога се обезбедени и парите преку ИПА фондовите од ЕУ. Категорични се дека регистарот не може да биде замена за попис, туку само негова помошна алатка.
Предлог-законите со кои се предлага формирањето на електронскиот регистар, а кои денеска беа промовирани на јавна дебата, според Муцунски, не се доволно квалитетни и пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ на нив ќе поднесе амандмани.
Далиборка Дамјанска Цветановска