
Пописот не ги преиспитува правата на заедниците
Етничката припадност, религијата и мајчиниот јазик се сметаат за етнокултурни карактеристики и не се задолжителни во пописниот прашалник. Заводот за статистика, кој почнува со подготовки на попис во 2020-та и експертите, ги прифаќаат ваквите меѓународни препораки. За да се избегне политизација како во 2011-та, нема да се прашува за етничката припадност, која и не е основа за статистичко планирање, посочува Дончо Герасимовски, кој лично учествувал во реализацијата на пет пописи.
Професорот од Тетовскиот универзитет, Мерсим Максути се сомнева дека повторно се прави политизација и не се води сметка за специфичните околности во нашата земја.
Во Заводот за статистика уверуваат дека правата на етничките заедници стекнати по основ на застапеноста, воопшто не се доведуваат во прашање. За Герасимовски, уште поважно е почитувањето на препораките, со кои, еден човек може да се попише само еднаш. Токму затоа, ќе се анкетираат лицата што живеат тука повеќе од една година. Оние што се надвор од земјата над 12 месеци, ќе се најдат во пописите на другите земји.
Последен пат Македонија направи попис во 2002-та иако Обединетите нации сугерираат вакви операции да се прават еднаш во 10 години. Нацртот на новиот Закон за попис 2020-та се учекува уште утре, а Собранието треба да го донесе до февруари, по што, во април ќе има пробен попис во 8 општини.
Соња Николовска