Пописот на населението ќе се спроведе во април 2020

Подготовките за пописот течат  во најдобар ред и тој треба да се спроведе во април 2020 година, ова денеска го изјави директорот на Државниот завод за статистика  Апостол Симовски.  Тој притоа предлага во пописните листови да ги нема графите националност и религиска припадност. Како што вели самиот, со цел да се намали влијанието на политиката врз пописните резултати нема потреба да се попишува според етничката припадност истакнувајки дека според препораките на  Обединетите нации, етничката припадност влегува во категоријата споредни белези.

Во македонскиот Устав, во преамбулата се споменати сите националности кои живеат во Република Македонија, а во член 7  кој е посветен на употребата на јазикот, тоа се базира исто врз националноста. Експертите по уставно право за Телма истакнуваат дека Уставот на Република Македонија е мултиетнички. Човековите слободи и права се предвидуваат како темелна вредност, а во нив спаѓа и правото на етничко определување односно неопределување. Затоа сметаат дека непотребноста на графата националност во оваа идеја тешко може да се аргументира.  Блажен Малески од невладината “Реактор” во “Топ тема” истакна дека податоците за националноста се многу важни пред се поради помалите етнички заедници кои живеат во Република Македонија.

Македонија  последен пат попис на население  спроведе во 2002 година. За пропаднатиот попис во 2011 година, Специјалното јавно обвинителство отвори истрага “Попис” во која осомничени се актуелниот лидер на ДУИ Али Ахмети и екс претседателот на Вмро-Дпмне, Никола Груевски.

Јордан Дуков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ