Попис без прашања за етничка и верска припадност

Пописот што треба да почне на 1 април 2020-та, нема да содржи прашања за етничката и религиозната припадност, но ќе содржи две прашања поврзани со јазикот: кој е вашиот мајчин јазик и кој јазик се говори во домаќинството. Директорот на Државниот закон за статистика Апостол Симовски вели дека податоците за припадноста немаат никаква употребна вредност а секогаш се подлога за политизација на целиот попис.

-Немало попис што не бил цел на политизација, а најмногу се политизира етничката компонента. Затоа сме подготвени да се откажеме од некој аспект, но политизација нема да дозволиме. Да потсетам, ова е статистичка операција. Според нашиот Устав, правата на одредена група граѓани произлегуваат од јазикот што го говорат, а не од етничката припадност, вели Апостол Симовски, Директор на Заводот за статистика.

И меѓународниот експерт за пописи, Вернер Хауг, посочува дека во голем број европски земји нема прашање за етничка или за верска припадност.

-Ваквите прашања често предизвикуваат тешкотии при изборот на одговорот. Некои граѓани не сакаат да се врзуваат со ниту една етничка група. Некои се деца од мешани бракови. Мигрантите и иселениците се интегрираат во други општества. Затоа, тие прашања може да се постават на доброволна основа, а употребата на јазикот дава повеќе информации неопходни за планирање на образованието или на  вработувањето, смета Вернер Хауг, меѓународен експерт за пописи.

            Пописот ќе се спроведува три недели по нова комбинирана метода: со анкета лице в лице што ќе ја спроведуваат 5 илјади добро обучени попишувачи и со користење на базите на податоци на 12 институции. Основа ќе биде Регистерот на население и државјанствата. Ќе се попишуваат граѓаните што живеат во земјата, оние што се до една година надвор од неа и странците што живеат тука над една година. Се ќе биде електронски и максимално обезбедено, ветува Симовски, а пробниот попис ќе се спроведе в година во 8 општини. Целата операција треба да чини 8 ипол милиони евра, што е далеку помалку од 14-те милиони за пропаднатиот попис во 2011. Конечните решенија ќе ги содржи Законот за попис што Владата треба да го донесе до крајот на годината, а Собранието до февруари наредната.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ