
Поништена постапката за идејниот план за катна гаража на Клинички
Хаосот со паркирањето на Клиничкиот центар продолжува. Министерството за здравство ја поништи постапката за изработка на идеен, и сообраќаен проект за изградба на катната гаража во Клиничкиот центар. Образложението објавено на Електронскиот систем за јавни набавки е дека „Поради непредвидени и објективни околности се промениле потребите на договорниот орган“.
Тендерската постапка беше распишана уште во јули годинава, а очекувањата беа до крајот на 2018 година да се комплетира проектната документација. Но, сега целокупната постапка ќе треба да се повторува. Со паркингот во Клиничкиот центар во моментов стопанисува претрпијатието „Градски паркинг“, а од Градот Скопје веќе пројавија интерес да изградат катна гаража во рамките на овој здравствен комплекс.
Поништениот тендер требаше да обезбеди проект за изградба на монтажна гаража од челична конструкција кај Клиниката за гинекологија, која требаше да обезбеди 1.800 нови паркинг места. Објектот беше замислен да има хелидром на самиот кров, додека во приземјето беа предвидени локали за деловно – трговски намени.