Македонија Помпео од Охрид: САД остануваат стратешки партнер на Македонија, борбата против корупцијата е клучна за членството во НАТО и ЕУ
Соединетите американски држави остануваат стратешки партнери на Македонија и целиот Балкан.
Ова го потврди со својата посета државниот секретар Мајк Помпео.
Тој и оддаде признание на земјава за Преспанскиот и Договорот со Бугарија и затоа што придонесуваат за стабилноста на Балканот, но и го отвориле патот за економска соработка, особено во енергетиката.
Клучната порака што ја испрати од Охрид до македонскиот државен врв во Охрид беше да расчисти со корупцијата.
“Ги поздравуваме чекорите што ги презема владата во борба против против корупцијата и охрабруваме да има поголема одговорност за сите кои ја злоупотребиле јавната доверба. Борбата против корупцијата е клучна за вашето членство во ЕУ и НАТО, и уште поважно тоа е вистинската работа што треба да ја направите за демократијата и за вашиот народ” – порача американскиот државен секретар, Мајк Помпео.
Кога е корупција во прашање предупреди да се внимава на инвестициите кои доаѓаат од Кина. Помпео очекува од Македоноја и да се вклучи во борбата против дезинформациите и лажните вести.
“Силна демократија значи да одговори на грижите на јавноста и да преземе уште мерки да се одбрани од злонамерни влијанија. Срцата и умовите на граѓаните на Северна Македонија треба да ја водат државата напред, а не руските ботови и тролови на социјалните медиуми. Би сакал да ве предупредам и за ризиците од инвестициите на Кина во полето на чувствителните технологии и нивната тешка стратегија на подмитување при обезбедувањето на зделките во инфраструктурата. Сакаме Северна Македонија да успее, а не да се бори со корупција или со долгови” – предупреди Помпео.
На кусата прес конференција, на која не беа дозволени прашања, Помпео најави дека САД ќе го ратификуваат протоколот за членство на Македонија во НАТО оваа есен.
“Добрите вести за почеток на преговорите со ЕУ и за членство во НАТО се силна порака и за младите во нашата земја да останат тука. Сакам да нагласам дека стабилен балкански регион е од интерес на ЕУ, геополитички, безбедносно и економски” – оцени премиерот Заев.
Посетата на Охрид Помпео ја заврши со прошетка низ стариот дел на градот и ја посети црквата Сверти Богородица Перивлепта, која е реновирана со пари од американските фондови. Иако некои во тоа гледаат и знак дека можеби претстои признавање на афтокефалноста на МПЦ и црногорската црква, за тоа нема потврда.
Американскиот државен секретар од Охрид вечерва замина во Атина каде што во фокусот на разговорите треба да бидат безбедносни прашања.
Сања Васиќ



