
Помалку пари за граѓаните од игрите на среќа
Обложувалниците и казината се веројатно единствените што работат на првиот ден од годината. Иако од денеска стартува зголеменото оданочување на добивките од игри на среќа, патиштата на голем број граѓани водат токму таму. Со зголемување на данокот на лична добивка од 10 на 15 %, државата подлабоко ќе чепне во џебот на обичниот човек но тоа не значи дека нешто ќе се смени во однос на навиките но и секојдневната потреба на луѓето да се обложуваат.
Од обложувалниците за Телма објаснуваат дека со новата даночна политика, државата директно удира врз граѓаните односно врз над 500.000 луѓе кои секојдневно или периодично играат ваков вид игри на среќа. Зголемувањето на данокот на добивка за 50 %, ќе ја намали заработката на граѓаните, па така доколу за уплатен тикет од 50 денари добивката треба да изнесува 2.000 денари, државата ќе си задржи над 29о денари. Колку помалку пари ќе им се вратат на граѓаните, толку помалку ќе има играчи на среќа, а тоа на крајот ќе го уништи овој вид на бизнис, велат познавачите. Од овој вид оданочување најпогодени според нив ќе бидат обложувалниците бидејќи кај казината и лотаријата, оданочени се само добивките од џек пот.
Бројот на местата каде се вртат милионски суми пари постојано расте, во Македонија во моментов има над 500 обложувалници и над 200 казина.Проценките говорат дека од зголемениот данок, во државната каса треба да влезат околу 18 милјони евра што значи дека обложувалниците ќе останат златната кокошка за буџетот. Новиот закон за игри на среќа треба да се донесе во текот на оваа година, а во него меѓу другото се предвидува казината и обложувалниците да се наогаат 300 м подалеку од училиштата. Во Mакедонија нема анализа која ќе покаже колки пари граѓаните трошат на игри на среќа но во Албанија на пример во 2017 граѓаните потрошиле над 130 милјони евра или 46 евра по глава на жител. Од денеска Албанија ги затвора сите спортски обложувалници, електронски казина и други видови игри на среќа, а објектите каде се врши коцкање отворено или тајно, ќе се третираат како парцели засадени со канабис.
Виолета З Стојановска