Помали плати за вицепремиерите

Петте Вицепремиери Анѓушев, Шекеринска, Османи, Спасовски и Лика од следниот месец ќе земат намалени плати. Одлуката на Уставниот суд ќе стапи на сила по објавувањето во Службен весник. Иницијативата ја поднесе Левица во декември минатата година. Бараа укинување на членот 14 во делот ,,, потпретседател на Владата,, од Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието.

Со укинувањето на овој член ќе се заштедат околу 10 000 евра годишно во буџетот. Платата на вицепремиерите ќе се пресметува по коефициент 3.70 од просечната плата, како што е случајот со останатите министри, наместо како што беше до сега коефицент 4.00.Тоа значи дека наместо 1 156 евра платата ќе им изнесува 1070 евра. Образложувајќи ја одлуката за укинување на коефициентот, Уставниот суд како причина го наведува непостоењето на функцијата потпреседател на Влада во правниот поредок.

,,Со членот 14 од Законот за плата и други надоместоци, се определува коефициентот за плата на потпреседател на Владата што е јавна функција која не постои во правниот поредок на Република Македонија, поради што Судот оцени дека ваквата законска регулатива е нејасна и неприменлива и не е во согласност со владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија“, гласи одлуката на Уставниот суд.

Универзитетскиот професор Светомир Шкариќ  вели дека Уставниот суд постапил правилно кога го укинал членот 14 затоа што таква функција не постои. Побара од Владата час поскоро да ги отстрани овие функции.

Левица поднесе и иницијатива до Уставниот суд со која се бара и укинување на апанажата на јавните функционери.Велат дека се против расфрлањето пари и политиките на осиромашување на народот што ги спроведува власта.

Јулијана Пешевска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ