Половина опозициски пратеници нема да ги гласаат уставните измени

„Јас, Јохан Тарчуловски, член на навивачката група Комити, член на ВМРО-ДПМНЕ од нејзиното создавање, бранител во 2001, обвинет за 27 април, се колнам во Бога, во верата и во својата татковина Македонија дека ќе го штитам Уставот, дека НИКОГАШ нема да гласам за негово менување и ќе ги извршувам заповедите на македонскиот народ. Во спротивен случај, нека бидам убиен од еден од моите собраќа Македонци со револверот или камата што овде ги целивам“. напиша Тарчуловски на Фејсбук.

Вака пратеникот Тарчуловски и соопшти на македонската јавност дека нема да гласа за уставни измени. Овие два дена, со иста или со помала доза на емоции и ваков вид на патриотизам, тоа го сторија и други 20-тина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ: Ане Лашкоска, Зоран Илиоски, Димитар Стевананџија, Трајче Димков, Трајко Вељаноски, Лилјана Кузманоска, Лилјана Затуроска, Влатко Ѓорчев и други. Поранешниот претседател на Собранието и се придружи и на групата што ќе го бојкотира референдумот.

Истовремено, првиот човек на партијата не ја отфрла можноста опозициските пратеници да гласаат за уставни измени, доколку мнозинството гласачи заокружат „за“ на референдумското ливче.

ВМРО-ДПМНЕ неколку пати инсистираше Владата веднаш да ги соопшти уставните амандмани. Оттаму велат дека се уште е рано и дека за тоа ќе се разговара по 30 септември. Дел од аналитичарите се согласуваат дека има време амандманите и да се состават и да се изгласаат до 31 декември.

За да отпочне процесот на менување на Уставот, потребно е две третини од пратениците да донесат таква одлука. Ако се има предвид дека само 71 пратеник водат кампања „за“, заклучокот е дека за сега во Собранието нема мнозинство од 80 пратеници за менување на Уставот. Половина од пратеничката група декларираше противење на уставните измени пред да ги видат, но дваесетина пратеници се уште молчат.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ