Половина милион жители живеат во сиромаштија – властите признаваат дека социјалните политики треба да се подобрат

Ивица Новевски е еден од многуте социјални случаи кои живеат крпен живот, со само 8 илјади денари месечно.

Има 44 години и е невработен. Станот го дели со мајка му која е врзана за кревет по мозочниот удар кој го преживеала пред 15 години. Со нив живее и неговиот брат.

Не добиваат социјална помош. Државата им го укинала паричниот додаток бидејќи се сопственици на имот и штала од кои тие ништо не заработуваат.

„Немам доволно средства да ја дадам мајка ми на пример во некој дом за старци да ја издржуваат со помош на некоја сестра. Петнаесет години со два мозочни удари и еден откачен тромб. Се грижиме јас и мојот брат, повеќе јас. Не сум вработен, а имам диплома. Мене ми стигна решение дека мојата мајка има имот и средства со кои може да ме издржува. А, таа чека вода да и наполнам, да и сменам пелени, да и сменам чаршаф, да перам, да чистам. Сето тоа јас го правам. А, и јас моментално не сум здрав, 20% ми работат белите дробови. Дишам на вештачки кислород.“ кажа Ивица Новевски, социјален случај.

Ивица спаѓа во половина милион жители во државата, кои живеат во сиромаштија. Некои од нив се дел од системот за социјална заштита, но некои не.

Министерката за труд и социјала, Мила Царовска, признава дека социјалниот систем не функционира добро.

Ветува дека со новиот закон за социјална заштита повеќе ќе им се помогне на загрозените.

„И ако денеска тоа семејство или поединецот зема 2400 денари, тој да зема трипати повеќе. Но, ако ги трансферираме веќе парите кон семејството, истото треба да го вклучиме на пазар на труд преку преквалификација, доквалификација и директно посредување до вработување.“ кажа Мила Царовска, министер за труд и социјална политика.

Од труд и социјала ги повикаа граѓанските здруженија и фирмите, да се вкклучат повеќе во подготовка за работа на ранливите граѓани. Потоа тие да бидат примени на соодветни работни места.

Петар Догов

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ