Половина милион евра легнаа на сметките на лекарите, медицинските сестри и болничари во штипската Клиничка болница

Помалку од половина милион евра легнаа на сметките на лекарите, медицинските сестри и болничари во штипската Клиничка болница. Вработените најпрвин со тужби, а потоа и пат на  преговори со раководството на болницата успееја да пристигнат до овие пари, кои не им се исплаќани за надоместок на дежурства во периодот од 2015 до 2017 година. Директорот на болницата, Ален Ѓеорѓијев вели дека на оние кои не тужеле исплатени се 364.000 евра, а на оние кои оделе по судски пат околу 80.000 евра. Последната рата им е исплатена деновиве.

На Фондот за здравство веќе се вратени осум милион денари, но Ѓеорѓијев забележува дека очекува да имаат економски проблеми, а ќе ги решаваат со стегање на ременот. Категоричен е  дека враќањето на долгот кон вработените нема да го почуствуваат пациентите.

Во меѓувреме во штипската Клиничка болница на последниот оглас се примени 51 лекар, медицински сестри, болничари и друг технички кадар. Но, со години во болницата не се пополнувале испразнетите места. Недостаток од кадар може да се ублажи со вработување на исто толку лица, како и на овој оглас. Се очекува веќе наредната година да се добијат нови согласности за вработување во оваа болница, која дава услуги на потенцијални 200.000 пациенти.

Викторија Јованова

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ