
Полициски синдикат обвинува,во МВР нема доволно униформи за полициските службеници
МВР тапка во место и не превзема ништо освен празни муабети да ги подобри условите на македонскиот полицаец, констатираше денеска на прес-конференција претседателот на Независниот синдикат на полицијата (НПС), Гоце Тодев Делчев нагласувајќи дека синдикатот го губи трпението поради, како што рече, хаосот кој се случува во МВР.
„Во наредниот период очекуваме нови 600 приправници кои треба да потпишат професионален договор, а униформи за нив нема. Не смееме да вадиме полицајци на улица без соодветна опрема и без она што мора да биде слика и прилика за Република Македонија. МВР нема доволно униформи за сите во полицијата“, вели Делчев Тодев.
Тој обвини дека во министерството и понатаму преовладува хаосот и проблемите кои настанаа во минатото а многумина продолжиле да го лажат министерот дека состојбата на полицијата е во ред со цел да ги задржат бодовите на кои се заснова нивната плата.
Според Делчев, интервјуто на министерот Оливер Спасовски за телевизија Телма во кое тој тврди дека има одлична соработка со синдикатот е невистина бидејќи комуникацијата им била само со достава на барања.
Од МВР веднаш реагираа со соопштение во кое стои дека министерството е отворено за соработка со Независниот синдикат на полицијата, бидејќи тоа е во интерес на сите вработени во МВР.
„ Во Министерството се затекнати многу проблеми кои биле наталожувани изминативе години и за кои ниту постоел ниту се пројавувал интерес јавно да се говори. Почнувајќи од сериозни аномалии во материјално-финансиското менаџирање со институцијата, бројни проблеми во организационо-кадровскиот дел, евидентно инфраструктурно и техничко уназадување, катастрофални стандарди и услови за работа“ стои во соопштението на МВР.
Врз основа на направени проценки во МВР бил изготвен план за обновување или целосна реконструкција на полициски објекти за различна намена, при што досега пет такви објекти веќе се предадени во употреба.