Вести Полициски час нема да има, одлучи Владата
Полицискиот час нема да се врати, како што предложи Комисијата за заразни болести. Владата на вчерашната седница одлучи да се воведат засилени контроли и мониторинг во критичните општини во Скопје каде има поголем број на заболени, потоа околните скопски општини Арачиново, Студеничани, Илинден, Петровец и Зелениково, како и во Куманово, Липково, Штип и Карбинци, Тетово и тетовски општини Боговиње, Брвеница,Теарце,Желино и Јегуновце.
„Предлогот за воведување рестриктивни мерки ќе биде повторно разгледан во Комисијата за заразни болести. Владата ги задолжи Министерството за внатрешни работи и инспекторатите да изготват посебни акциски планови за контрола и за спречување на отстапувањето на мерките за заштита, како и санкционирање на секое непридржување до донесените мерки.“ – соопшти владината прес служба.
Се засилува и контролата на лицата во изолација. Тие задолжително ќе треба да ја инсталираат апликацијата Стоп Корона, а оние сите што ќе го прекршат решението за изолација или ќе дадат лажни контакти ќе одат во државен карантин на нивна сметка.



