Полицијата откри 107 граѓани кои не го почитувале полицискиот час, 35 се приведени

На територијата на државата , во изминатите 24 часа вкупно 107 лица не ја почитувале мерката за забрана за движење, соопштуваат од МВР. При тоа полицијата привела 35 лица, 47 биле опоменати, a за останатите се изготвени соодветни записници и испратени се до надлежното Обвинителство.

Во текот на вчерашниот ден на 18 лица им се издадени решенија за изолација, додека 24 потпишале изјави за самоизолација. Исто така, од полициските службеници, извршени се контроли на лица во изолација и самоизолација, при што било евидентирано дека во еден случај, лице во самоизолација не ја почитувало забраната за движење, зашто при проверка, не било пронајдено во неговиот дом. Директорот на штипската Клиничка болница, Ален Георгиев, апелираше до граѓаните кои имале контакт со заболен или сомнителен на инфекција од корона вирус, да не шетаат секаде, да останат дома без контакти со околината, да се пријават, тестираат и да се заштитат себе си, најблиските, колегите и здравствените работници.

Вчера при проверка на угостителски објекти, полицијата заедно со Државниот пазарен инспекторат извршила вкупно 206 контроли. При тоа во Тетово и Голема Речица биле откриени три угостителски објекти кои работеле. Објектите се затворени , а против сопствениците ќе следуваат соодветни пријави, дополнуваат од Тетовската полиција.

Сотир Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ