Полицајците сакаат повисоко покачување на платата отколку што им е ветено

Полицајците се незадоволни. Обвинуваат дека МВР фаворизира одредени полициски синдикати пред други и бараат да добијат повисока плата.

Тврдат дека нивните работнички права се загрозени и поради тоа најавуваат протести пред полициски станици и одделенија на министерството.

Овие пораки беа испратени од годишното собрание на Независниот синдикат на полицијата.

Според МВР, груба манипулација е тоа дека се фаворизирани одредени организации. Одговорија дека дозволуваат користење на средства во нивна сопственост ако полицајците членови на било која организација тоа го побараат од нив.

На вработените во полицијата им е ветено петпроцентно зголемување на приходите со новиот буџет. Тие бараат двојно повеќе. Односно, ако еден вработен зема 18.000 денари колку што е најниската плата во министерството, наместо покачување од близу 1000 денари, тој би добил речиси 2 илјади – ако се исполнат барањата.

На овие обвинувања реагираа од Министерството.  Не отстапуваат од нивните планови – платата ќе се зголеми, но само за 5%.

„Од почетокот на декември е покачена платата на сите униформирани полициски службеници на министерството. Во 2019 платата на вработените повторно ќе се зголеми за пет проценти,“ велат од МВР.

Синдикалците се пофалија дека протестирале заедно со Шарената револуција за да се смени системот и тие како вработени да добијат поголемо учество во креирањето на економските и социјални политики за работниците. Тврдат дека во минатото тоа било невозможно.

Петар Догов

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ