
Политико: Франција ќе се премисли само кога ќе стане јасно што може да добие за возврат
Франција ќе се премисли само кога ќе стане јасно што може да добие за возврат, пишува денеска угледниот весник „Политико“, цитирајќи извори дипломати кои беа присутни на вчерашниот министерски состанок во Луксебмруг.
Жестока расправија се случувала на состанокот. Франција била единствената земја која била против Македонија и Албанија да ги почнат преговорите со ЕУ, што предизвикало револт кај сите останати земји членки.
Франција се однесува како да сме веќе во пост-брегзит ситуација и како да треба само таа да ги носи сите одлуки, сметаат депломатите.
Тензиите пред вчерашниот состанок беа зголемени уште од петокот, кога ЕП го одби предлогот на Макрон за еврокомесар да биде прифатена Силви Гулар, и покрај тоа што таа е обвинета за злоупотреба на својата положба додека работела во ЕП. Политико пишува дека наводно Макрон ќе го повлече ветото под услов следниот негов предлог за комесар во ЕП да не биде одбиен.
Пишувањата за можни пазарење временски се поклопуваат со новата средба меѓу Макрон и Меркел, која денеска на меѓувладиниот состанок во Тулуз ќе се обиде аргументирано да го разубеди да даде зелено светло. Германија е сериозно разочарана бидејќи нема да го исполни она што го ветила веќе неколку пати, изјави германскиот министер за надворешни Михаел Рот. Поради тоа, Меркел е упорна во својата намера и доколку и тој обид не успее, од германската влада за Ројтерс велат дека Меркел ќе ја стави темата за проширувањето на маса и на самитот на лидерите на ЕУ кој ќе се одржи утре и задутре во Брисел.
Иако ги отфрла обвинувањата, Франција вчера остана изолирана во својата одлука да блокира зелено светло за старт на преговори со Македонија и Албанија, сѐ додека нема реформа на методологијата на преговарачкиот процес. Финска се обиде да предложи компромис, но не успеа. Откако не го најдоа местото за слетување, очите на Скопје и Тирана сега се вперени во претстојниот лидерски состанок во Брисел. Лидерите и претходно многу ветуваа, па сега познавачите со подбивен тон прашуваат – треба ли да им се верува?
Алиса Шутиноска