Политичкиот момент за преговори со ЕУ е поволен, реформите да се забрзаат

Политичкиот момент за земјава за добивање на датум за преговори за членство со ЕУ е позитивен, но реформите се уште не се спроведени. Вака дел од граѓанскиот сектор кој ги следи евроинтеграциите ги толкува пораките кои вчера од Брисел ги испратија високите претставници на Европската комисија Федерика Могерини и Јоханес Хан за пристапувањето на земјава. Зоран Нечев од Институтот за демократија вели дека политичката порака е оти има стратегиска цел земјава да почне преговори оваа година, но без прецизно да се наведе кога.

Се уште има многу од реформите кои треба да се завршат, вели Нечев, додавајќи дека Комисијата под тоа не подразбира само законски решенија, туку и нивна имплементација. Според него постојат објективни причини да се верува дека тоа може да биде спроведено до Европскиот совет во јуни.

Могерини и Хан вчера испратија порака и до политичките партии, конкретно и до опозицијата, барајќи таа да делува конструктивно, одговорно и разликите да се решаваат во рамки на институциите. Индиректно, тие претстојните претседателските избори ги посочија како тест за тоа и за власта и за опозицијата.

За Нечев повикот сите чинители да ги почитуваат правилата на играта е разбирлив, со оглед на она што се случува со протсетите на опозициите во Србија, Албанија, Црна Гора, но и на стратешката цел за старт на преговори оваа година. Кристално чисти избори би биле причина плус за Комисијата да даде чиста препорака за земјава.

Во контескт на случувањата во регионот Нечев смета дека земјата може да добие многу плус бидејќи има можност да покаже како треба да се одвиваат работите.

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ