Политичката разрешница дава шанса за предвидлива економска околина

Политичката разрешница дава шанса за предвидлива економска околина. Наспроти стравот што ја окупираше јавноста дека економските закони, ребалансот и буџетот за 2019 нема да се донесат ако има парламентарни избори, отворањето на постапката за уставни измени, според извори во владата, значи дека законите ќе се носат во редовна процедура со почитување на сите пропишани рокови. Економистите сепак сметаат дека неизвесноста нема целосно да исчезне, но и дека е доцна да се надокнади пропуштеното. Апелираат владата да се фокусира на 2019 и да почне да работи на стабилизација на економскиот амбиент.

Сега владините економски ресори треба да покажат што знаат и да ги отворат градите на економијата за таа да земе здив во обид да го надокнади пропуштеното. 2018-та е во последниот квартал и мали се можностите за бустирање на пропуштеното. На ред е 2019, треба економските политики за следната година да се презентираат веднаш за секој да се зафати за својот дел од работата, вели даночниот советник Павле Гацов.

2018 на економски план е завршена работа така што добро е  фокусот да се стави на 2019. Прво да се дефинира јасна визија за економијата, која не би била само од типот „сакаме 5 % раст“  туку и јасен план како тоа ќе се постигне. Клучно е да се елиминира целата неизвесност околу фискалната политика, со тоа што во тој сегмент да се избегнуваат нагли и неусогласени потези внатре во владата, или ако такви спротивставени ставови има внатрешно, тогаш е крајно време премиерот да ги разреши, вели универзитетскиот професор Марјан Петревски.

Предложените измени во законите за стечајци, за бришење на камати од долгови за комунални услуги, за данокот на додадена вредност и други веќе утре се ставени на дневен ред на комисите за труд, за транспорт и врски и законодавно правната комисија, но не и ребалансот на буџетот за оваа година. Извори во владата велат дека не се исклучува можноста за прекројување на државната каса да се зборува до крајот на неделава, но таква потврда нема од првиот човек на Комисијата за финансирање и буџет.

Сеуште не е закажана седницата на комисијата за финансирање и буџет. Утре ќе се договараме за дата за нејзино одржување, вели претседателката на комисијата Лилјана Кузмановска.

Ребаласнот до Собранието беше доставен минатиот викенд. Тој на комисијата за финансирање и буџет треба да се претресува 10 работни дена, потоа владата подготвува дополнет предлог со прифатени амандмани по што следува пленарна седница која трае најмногу пет работни дена. Со ребалансот 92 милиони евра скратени од капиталните инвестиции се префрлаат на општините, на фондот за ПИОМ и ФЗО за исплата на заостанати обврски а помалку пари има во ставките за образование и за интеграција во НАТО.

Од владата уверуваат дека новите политички ситуации одат во насока на тоа дека навреме ќе се донесе и буџетот за 2019. Документот е во фаза на подготовка, до први ноемрви ќе биде доставен до владата а потоа до 15 ноември и до Собранието. Крајниот рок за усвојување на буџетот е 31 декември.

Виолета З. Стојановска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ