
Политичка запршка или легитимно незадоволство на земјоделците?
Под мотото „Земјоделците нема да ви простат“ утре неколку земјоделски здруженија ќе протестираат пред Владата. Најавуваат масовност, но велат ова е почеток-ќе протестираат се додека надлежните не ги исполнат нивните барања. Министерот Димковски пак не гледа причина за протест. Се сомнева дека зад протестот стои опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Ова остава малку и мирис на политичка запршка во која што се става некој зачин само да се долее на ова што веќе знаете дека изборите се најавени за 12 април, а ВМРО-ДПМНЕ вчера излезе со јавна поддршка на протестот. Но они можат да излезат со јавна поддршка, но она што можевме да го слушнеме и од аудио снимките дека токму се и организаторите на ваквите протести,
изјави Трајан Димковски министер за земјоделство.
Тоа што вчера се исплатени 667.000 евра за оризопроизводителите, а денеска 2,5 милиони евра за млекопроизводителите, според Димковски не е обид за смирување на страстите.Надлежните велат, се оди според планот. До сега се исплатени 108 милиони евра на земјоделците од планираните со ребалансот над 150 милиони.
Тоа е 72 проценти реализација на буџетот. Тоа кажува дека исплатата оди така како што е,
изјави Николче Бабовски, директор на Агенција за финансиска поддршка во земјоделството.
Земјоделците отфрлаат политичка заднина на протестот. Велат ако треба ќе клекнат пред сите партии и ќе ги повикаат да им се придружат, само да се реализираат нивните барања.
Политика не ме интересира јас кога сум гладен. Јас сакам да си ја спасам мојата кожа, кожата на лозарите, земјоделците.Масовноста нема да биде така мала како они што замислуваат. И нека биде мала, ова е почеток и нема да се смириме се додека не ги исполнат сите наши барања,
вели Златко Стојчев, Здружение на тиквешки лозаро-овоштари.
Земјоделците ќе достават седум барања до власта Протестот ќе почна на пладне пред поранешен Скопски саем од каде пешки ќе се упатат до Владата.
Александра Филиповска