
Политичарите го закрвија речникот
Инцидентот во Шутка го заостри речникот на политичарите. ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ги искористија бројните шпекулации и разменија остри меѓусебни обвинувања и етикетирања.
„Крвави раце, линч, криминалци, насилничко сценарио, лажни вести, тужби“. Со вакви зборови политичарите се вклучија во јавното расправање за инцидентот во Шутка. Го искористија за серија вербални напади и навреди на релација Плоштад „ВМРО“ – „Бихаќка“.
Ова е земја каде владее хунта со политички прогон, затвори и физичко насилство, само за да се спречи опозициското мислење, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Насилнички сценарија, создавање тензии и пласирање лаги се единствените политики на антинародниот Мицкоски и неговиот шеф Груевски, возврати СДСМ.
Партиските лидери застанаа на чело на оваа вербална „војна“. Уште при првото повикување во суд на Јанакиевски и Ристовски, како и на Вељаноски, Мицкоски му порача на Заев дека ќе го порази дури и ако апси или нарачува убиства. Премиерот ја нарече ваквата изјава „забегана“.
Мицкоски побара оставки и формирање Влада за спас на Македонија. Обвини за насилство и криминал.
Неговиот синоќешен обид за упад во болницата без било какво одобрение беше доживеан како политички театар и во Независната група на ВМРО-ДПМНЕ.
Политичката реторика вообичаено се вжетува во предизборен период. До претседателските избори има уште цели два месеци.
Соња Николовска