
Политичари вложете во НУБ „ Свети Климент Охридски“
Политичарите да го насочат вниманието и да вложат во кадровскиот, техничкиот и финансискиот дел на Националната и универзитетска библиотека „ Свети Климент Охридски“, повика членот на Управниот одбор и поранешен директор, Борко Зафировски, денеска кога НУБ одбележа 75 години постоење и го прослави својот патрон.
Зафировски ова го кажа, потенцирајќи дека библиотеката заостанува зад светските текови.
А, директорот, Фримзим Даути, зборувајќи за делото на Св. Климент, истакна дека Кирилицата го надживеала творецот, дека ја користеле и Албанците за пишување во минатото, исто како што и Латиницата денес ја употребуваат дел од Словенските народи и дека секоја поделба или конфликт на база на азбука, е непочитување на нејзините автори.
“Вложете во покривот, во читалните, во застарените компјутери, во формалната електроника и во дигитализацијата. Конечно, НУБ треба и мора да биде центар на сè што е вредно и значајно, документирано и создадено. Така е од средновековието и француските кралеви, така е кај римските папи, така било кај Климент” – изјави Борко Зафировски.
“Треба да се избегнува употребата на една азбука , да има ексклузивна конотација, за еден народ или вера. Создадените азбуки имаат за цел, олеснување на комуникацијата. Секоја поделба или конфликт, чиј извор се смета азбуката, подразбира непочитување на авторите кои придонеле за создавање на таа азбука” – тврди Фримзим Даути, директорот на НУБ Свети Климент Охридски.