
Полесен извоз на ориз и месо ќе донесат отстапките за српското брашно
Пониски трошоци, помалку чекање и олеснети процедури ќе добијат македонските земјоделци при извозот на ориз, месни преработки, домати и јогурт во Србија. Ова се бенефитите кои треба да го добие нашата страна за сметка на отстапките што ги направи за српското брашно, а најави и можно целосно укинување на маркичките, откако двете земји на крајот на јуни ќе ги потпишат договорите за признавање на сертификатите. Од Министерството за земјоделство очекуваат дека тоа нема да го зголеми увозот на брашно од северниот сосед, кој лани изнесувал 53 илјади тони. Агенцијата за храна и ветеринарство, пак, веќе воспоставила нов систем на контрола, со кој е засилен надзорот при влезот на српското брашно.
„Она што е веќе договорено и што е внесено во содржината на меморандумите кои се прифатени од двете страни и од стопанските комори, значи олеснување при извозот на оризот во Србија, радиоактивноста ќе се проверува на смата граница и нема да се чека, во делот на ГМО ќе се признаваат нашите сертификати. Во делот за месото е договорено за листеријата да се земаат анализи само по проценка, методологија и програма за ризик, а не во секој примерок како што е досега“, вели Љупчо Николовски, министер за земјоделство.
При извозот на нашите месни преработки двојно ќе се намалат цените за лабораторските испитувања, бидејќи анализата во Србија чини околу 500 евра, додека кај нас 200, а чекањето на граница за добивање резултати, од 12 дена, ќе се сведе на само еден. Извозниците на градинарски култури, пак, резултатите од анализите ќе ги добиваат за еден ден, а не за три. Драстично ќе се намалат и трошоците за анализи на домати, пиперки, краставици и јаболка, кои во земјава се неколку пати пониски од тие во Србија. Олеснувања ќе има и за нашиот јогурт и кисело млеко, кои во последниве години не сме ги извезувале.
И додека двете земји преговараат, Европа сака да му помогне на македонското земјоделство, со 1,4 милиони евра се набавени 300 современи комјутери за министерството, за вработените да им даваат побрзи услуги на земјоделците, и 18 нови возила, од кои 14 за Платежната агенција, за таа да може полесно на терен да ја контролира распределбата на субвенциите.
„Ние досега ги завршувавме сите потребни активности во согласност со законските норми, но располагаме со стар возен парк, овој нов возен парк само ќе ја зголеми мобилноста и сигурноста на луѓето кои работат во секторот контрола на терен“, вели Николче Бабовски од Платежната Агенција.
„Посветени сме целосно на поддршка на земјоделскиот сектор“, рече Никола Бертолини од Делегацијата на ЕУ во Скопје.
Во Извештајот на европската комисија е нотирана слабата искористеност на ИПАРД парите, а новата опрема и новите вработени во Платежната агенција треба да помогнат да се надминат овие слабости.
Нина Нинеска-Фиданоска