„Подобро подготвувај ја својата одбрана„-Неделкова до Вангеловски откако тој и поднесе кривична пријава

Врховната судијка Лидија Неделкова го обвинува Вангеловски за непрофесионализам и неетичност во судската кариера откако денеска Врховниот суд (чиј претседател е Вангеловски) и поднесе кривична пријава за изготвување документ со невистинита содржина.

„Станува збор за човек на кого не му е место во судството, а најмалку на ова сегашна функција *да ве потсетам на неговиот прекар. Судството за жал е во „рацете“на непрофесионални, некомпетентни и неетични судии и затоа се случуваат вакви дисторзии. Секако дека со ова нема да се отргне вниманието од постапката за негово разрешување поради незаконито донесена одлука, така да покорисно му е да ја подготвува неговата одбрана доколку може да ја „измисли“, беше писмената реакција на Неделкова.

Вангеловски пак возврати на нападите на Неделкова за негова некомпетентност.

-Бидејќи Неделкова вели дека сум некомпетентен, сакам да кажам дека сум целосно некомпетентен да правам фалсификат во името на Врховниот суд, изјави Вангеловски алудирајќи на содржината на кривичната пријава против Неделкова која е поднесена затоа што во судот е утврдено дека таа донела одлука во име на Одделот за казнени дела во Врховниот суд иако немало состанок за таа одлука.

Одлуката е донесена за случаи на СЈО, за кои Неделкова во 2016-та, на барање на Владимир Панчевски (тогашен претседател на Основен суд Скопје 1), изготвила упатство дека СЈО за веќе завршени случаи како што се Монструм и Сопот треба да ја легитимира и покаже својата надлежност. Одлуката била изготвена двапати, во март и во декември 2016-та.

Врховниот суд пред 6 дена и поднел кривична пријава на Неделкова, а таа вели дека пријавата е неоснована.

М.С.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ