
Подметнат пожар на џип на поранешниот директор на македонската полиција, Љупчо Тодоровски
Полицијата се уште истражува кој го запалил автомобилот на поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност Љупчо Тодоровски, рано утрово во Аеродром.
Инцидентот го пријавила скопската противпожарна служба која го изгаснала џипот Нисан навара на паркингот пред трговскиот центар Три бисери. Полицијата соопшти дека возилото е на 59-годишниот скопјанец, односно на Тодоровски иако автомобилот се уште се води на име на 62-годишен жител на Скопје.
Седум години Љупчо Тодоровски беше директор на македонската полиција, и беше дел од тројката Јанкуловска-Мијалков-Тодоровски кои заедно беа на чело на МВР од 2006-та до мај-2013-та кога Тодоровски замина во пензија.
Сега тој е доцент на Факултетот за безбедност во скопско Идризово. Покрај нисанот на Тодоровски, во Скопје во текот на изминатата ноќ биле запалени уште две паркирани возила, а трендот на овие кривични дела е во пораст.