
Подметнат пожар на џип на поранешниот директор на македонската полиција
Полицијата се уште истражува кој го запалил автомобилот на поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност Љупчо Тодоровски, рано утрово во Аеродром.
Од МВР соопштија дека:
„На 01.04.2018 година во 05.55 часот во Единицата за информирање и командување-Скопје, од страна на Бригадата за против пожарна заштита, добиена била пријава дека на бул. “Јане Сандански“ на паркинг пред Трговскиот центар “Три бисери“ има опожарено патничко возило “Нисан навара“ со скопски регистарски ознаки, кое според евиденцијата на МВР е сопственост на А.С. (62) од Скопје, но во меѓувреме било продадено на Љ.Т. (59) од Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.“
Автомобилот според сознанијата на полицијата било во сопственост на екс-директорот Тодоровски, иако се уште се водело на име на претходниот 62-годишен сопственик.
Тодоровски беше дел од тројката Јанкулоска- Мијалков-Тодоровски кои заедно беа на чело на МВР цели 7 години, од август 2006-та до мај 2013-та. Тогаш Тодоровски, познат во полициските кругови и по прекарот Радникот замина во пензија. Потоа Тодоровски како доцент почна да предава на Факултетот за безбедност во скопско Идризово.
Засега полицијата не соопштува дали поранешниот директор на БЈБ на МВР имал закани, дали мета на напдот е Тодоровски или претходниот сопственик на Нисанот, кој изгоре ноќеска во Аеродром.
Полицијата истовремено соопшти дека во Скопје, во текот на ноќта изгореле уште два паркирани автомобили во кои бил подметнат пожар. Овој вид на криминални дела во последните десетина месеци зачести, лани во Скопје имаше повеќе од двојно изгорени автомобили отколку претходната 2016-та.
Миомир Серафиновиќ