Под клуч и загуби од два милиони евра, пречистителната станица во Свети Николе се враќа во функција

Пречистителната станица за отпадни води во Свети Николе по десет години повторно се става во функција. Овој објект обраснат со трева мирувал, отпадните води од канализационата мрежа директно се испуштале во Светниколска река, а овчеполските земјоделци ја користеле и за наводнување. Станицата била исклучена  поради високи сметки за струја , сега преку програмата за меѓугранична соработка со Грција обезбеден е европски грант од 162.000 евра, со кои делумно ќе се стави во функција.

Според проценките поради не работењето на пречистителната станица направена е штета близу два милиони евра и државниот ревизор уште во 2009 година укажал на проблемите.

  • Јавното претпријатие располага со објект „пречистителна станица“ кој иако е функционален и истиот е изграден со средства од донации, неколку години по ред не е во функција и се наоѓа во лоша состојба, така што испуштањето  на урбаните отпадни води не е во согласност со Законот, стои во Извештајот од 2009 на Државен завод за ревизија

 Со помош на донациите од Швајцарската агенција за развој и соработка изградени се  пречистителни станици  од Берово до Карбинци, останува само Штип кој нема ваков објект за да ја заштити  од загадување реката Брегалница.

Кочани со шавјцарски грант од над 20 милиони евра  пред три месеци ја доби најсовремената, но и најекономична пречистителна станица за отпадни води. Според анализите минатата година во земјава отпадните води се третирале само шест отсто.

Викторија Јованова

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ