Почнуваат преговорите за проширување на мнозинството и реконструкција на владата

Неделава се очекува интензивирање на преговорите меѓу СДСМ и ДУИ за реконструкција на Владата, што ќе повлече и проширување на  парламентарното мнозинство. Се шпекулира дека во игра се БЕСА на Африм Гаши и ДПА. Средба со Гаши се очекува после среда, кога се враќа од Швајцарија, каде е службено, како дел од парламентарната делегација. Од другиот табор на БЕСА велат дека засега нема ништо конкретно иако е можно да има разговори за соработка и со нив.

Во Алијанса на Албанците пак се зачудени од шпекулациите за нивно враќање во владината коалиција. Велат дека, засега немаат ниту понуда, но и да ја добијат, за тоа ќе треба да одлучат партиските органи, но изгледите за постигнување на нов договор се речиси никакви, затоа што излегоа од коалицијата од принципиелни причини. По излегувањето, според интерните анкети, им е покачен и партискиот рејтинг.

На новинарско прашање, дали овие преговори би можеле да резултираат со малцинска влада, поранешниот претседател на Собранието, Стојан Андов, денеска изјави дека, сега е потребна пред се, влада со стабилно мнозинство.

Засега не се откриваат детали ниту околу тоа, дали и кои министри ќе ја напуштат Владата и дали ќе има промена во ресорите. Наводно, ДУИ не се откажува од Министерството за правда, кое остана празно, откако Билен Салији си поднесе оставка поради случајот „Алмир“. За некој од новите партнери, го нудат министерството без ресор, кое е испразнето по изборот на Рамиз Мерко за градоначалник.

На синоќешната седница било најавено дека сите функционери се под лупа и оние што нема да работат добро ќе бидат сменети. Наводно, сигурни се само позициите на министрите преку кои се одвива процесот за интеграција на земјава во НАТО и во ЕУ, додека министрите за финансии, за култура, за труд и социјала и министерот без ресор, како и неколкумина директори на јавни и државни претпријатија, веќе била на листата за смена.

Далиборка Дамјанска Цветановска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ