
Почнуваат преговорите за проширување на мнозинството
Премиерот ќе се обиде да го зајакне парламентарното мнозинство во пресрет на можното решение на проблемот со името. Денеска изјави дека деновиве ќе разговара со партии и поединци кои се во опозиција, за можноста да преминат на страна на мнозинството.
И поранешниот претседател на Собранието, Стојан Андов, денеска изјави дека, сега е потребна пред се, влада со стабилно мнозинство.
Се шпекулира дека во игра се БЕСА на Африм Гаши и ДПА. Средба со Гаши се очекува после среда, кога се враќа од Швајцарија, каде е службено, како дел од парламентарната делегација. Со нив, мнозинството би се зголемило за уште пет пратеници. Од другиот табор на БЕСА, кој има двајца пратеници, велат дека засега нема ништо конкретно иако е можно да има разговори за соработка и со нив. Во Алијанса на Албанците пак се зачудени од шпекулациите за нивно враќање во владината коалиција. Велат дека, засега немаат ниту понуда, но и да ја добијат, за тоа ќе треба да одлучат партиските органи, но изгледите за постигнување на нов договор се речиси никакви, затоа што излегоа од коалицијата од принципиелни причини. По излегувањето, според интерните анкети, им е покачен и партискиот рејтинг.
Заев изјави и дека, поделбата на министерските места е дури вториот чекор, за кој сега не размислува. Сепак, во јавноста се шпекулира дека, ДУИ не се откажува од Министерството за правда, кое остана празно, откако Билен Салији си поднесе оставка поради случајот „Алмир“. За некој од новите партнери, го нудат министерството без ресор, кое е испразнето по изборот на Рамиз Мерко за градоначалник.На синоќешната седница на Централниот одбор на СДСМ било најавено дека сите функционери се под лупа и оние што нема да работат добро ќе бидат сменети.
Наводно, сигурни се само позициите на министрите преку кои се одвива процесот за интеграција на земјава во НАТО и во ЕУ, додека министрите за финансии, за култура, за труд и социјала и министерот без ресор, како и неколкумина директори на јавни и државни претпријатија, веќе биле на листата за смена.
Далиборка Демјанска