Почнуваат консултациите за уставните амандмани

Почнуваат консултациите за изработка на нацрт текстот на уставните амандмани. Премиерот Заев е подготвен уште утре да седне на заедничка маса со пратениците и во инклузивен процес да ја усогласат содржината. Очекувањата се целиот процес да заврши до крајот на месецов.

При подготовката на амандманите можно е да бидат инкорпорирани и барањата на групата опозициски пратеници кои својот глас при првичната подршка го условија со прифаќање на четирите амандмани, меѓу кои и амандман за гаранција на македонскиот идентитет. ДУИ и Беса на Гаши соопштија дека нема да поднесуваат дополнителни амандмани затоа што за нив нема повисок интерес за Албанците во Македонија од зачленувањето во НАТО. За разлика од нив Алијансата предводена од Зијадин Села и Беса на Касами ќе инсистираат на промена на преамбулата на Уставот, албанскиот јазик да биде втор официјален јазик во Парламентот.

По доставувањето на амандманите во Собранието ќе започне втората фаза. Деловникот предвидува од моментот на доставување до одржување на пленарната седница за нивно усвојување да поминат најмалку 30 дена. За гласање за амандманите во втората фаза потребно е апсолутно мнозинство, односно 61 глас, по што се пристапува кон финалната фаза и носење конечна одлука за измена на Уставот.

Јулијана Пешевска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ