
Почнува поништувањето на лустрацијата
Само некои архивски документи и стари снимки сведочат дека од 2009 до 2015, во Македонија се проверуваше дали поранешните функционери или кандидати за јавни функции соработувале со безбедносните служби.
Пред две години Комисијата за лустрација беше укината, нејзината веб страница е избришана, но голем дел од оштетените со нетрпение го дочекаа Законот за поништување, за да целосно се потврди нивната недолжност.
“Уште еден убав чекор во ослободувањето на заробената држава. Јас отсекогаш сум го сметал овој процес за ништовен, па сега очекувам да се верифицира ништовноста. Во оваа ослободена држава, немам намера да барам обештетување” – вели поранешниот министер за култура, Ѓунер Исмал.
Професорот Фрчкоски, кој исто така се најде на листата на лустрираните, го поздравува законот и најавува тужба за државата.
“Фала Богу! Ова е една од клучните реформи. Веројатно повеќето од нас, ќе успееме да се договориме за заедничко барање за надомест на нанесената штета” порача поранешниот министер за внатрешни и надворешни работи, Љубомир Фрчкоски.
„Воопшто не размислувам за отштета зашто ништо не може да го врати татко ми. Важно е што се стави крај на нешто што беше правено исклучиво по нарачка, како што слушнавме од прислушуваните разговори“, вели Нора Шаќири, која со години докажуваше дека нејзиниот татко, новинарот Хисен Шаќири, не бил соработник на службите.
“Многу емотивно ја примив веста за поништување на лустрацијата бидејќи татко ми, ми остави аманет да му го исчистам образот и да го тргнам срамот што неправедно ни беше нанесен. Борбата беше тешка и долга, но еве, дочекавме. Сакам сите чинители на срамната лустрација да ги видам пред лицето на правдата” – изјави Нора Шаќири.
Законот за поништување на лустрацијата в понеделник ќе биде отворен во матичната Комисија за политички систем.
Мали се шансите да биде донесен пред распуштањето на Собранието, особено ако опозицијата ја употреби алатката „илјадници амандмани“.
Токму поради тоа, поранешниот претседател на Уставниот суд, Трендафил Ивановски, кој прв беше лустриран и прв доби позитивна пресуда од Стразбур, не верува дека Собранието ќе стигне да го изгласа.
“Ова е несериозен приод. Непосредно пред избори, не се носат вакви закони” – оценува поранешниот претседател на уставниот суд, Трендафил Ивановски.
За шестгодишното работење, Комисијата за лустрација прогласи за кодоши околу 200 лица. Речиси половина од нив беа починати.
Соња Николовска