
Почна новата рунда преговори во Њујорк
Новата рунда преговори за решавање на спорот со името под покровителство на медијаторот Метју Нимиц тукушто почна во Њујорк. Според најавите министрите за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас ќе имаат две средби на кои ќе присуствува и Нимиц.
Во пресрет на средбите, Коѕијас изјави дека очекува од македонската страна да покаже прагматизам и реализам за решение кое мора да има компромис и додаде дека ја очекува „мудроста“ на медијаторот Нимиц.
„ Јас велам дека сум ниту оптимист, ниту песимист, но имам волја да најдам решение. А треба и другата страна да има прагматизам и реализам за да најде решение. Решенија се решенијата со компромис. Знам дека многу сили и во двете општества би преферирале решенија по нивна волја, но во меѓународните односи не постојат таков вид решенија“, изјави Коѕијас.
Коѕијас имаше средба со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш на која прашањето за името и преговорите биле една од темите на разговор.
И македонскиот министер за надворешни работи вчера се сретна со Гутереш со кого разговарал за последните случувања од разговорите за надминување на разликата околу името. По средбата Димитров изјави дека „со визија и лидерство на двете страни има историска шанса да се затвори еден повеќедецениски, историски спор“.
Во пресрет на новата рунда разговори за името, од македонската Влада потврдија дека остануваат на ставот во однос на последниот предлог за името – Република Илинденска Македонија.
Грција и официјално го отфрли предлогот „Република Илинденска Македонија“ оценувајќи го како иредентистички. Премиерот Ципрас одговарајќи на критиките на опозицијата изјави дека Грција преговара врз база на четирите имиња кои се содржат во пакетот предлози од Нимиц.
Меѓународната заедница која интензивно ги следи преговорите, деновиве ги охрабри двете страни да постигнат решение. Вчера заменик-помошникот државен секретар на САД, Метју Палмер имаше средба со премиерот Заев на која ја повтори поддршка на САД кон Македонија и Грција околу наоѓање на решение. Завчера германската канцеларка Ангела Меркел, завчера телефонски разговараше со премиерите на двете земји на кои им ја изрази својата поддршка за изнаоѓање заемно прифатливо решение а истото го стори и официјален Париз.
Огнен Чанчаревиќ