
Почнаа разрешувањата во ВМРО-ДПМНЕ?
Ралични се верзиите околу причините за синоќешното разрешување на заменик-генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Петар Богојески. Тој самиот вели дека, одлуката е очекувана, поради непомирливоста на двата партиски концепти кои ги застапуваат тој и неколкумината таканаречени реформатори, наспроти останатото партиско раководство.
Богојески заедно со Костадин Богданов, Александар Михајловски и Митко Јанчев, пред референдумот повикуваше да се излезе на гласање. По референдумот вели дека размислувал и самиот да си поднесе оставка и дека е добро што е разрешен, затоа што патот по кој е тргната партијата, не може да биде пат по кој тој може да се движи.
Богојески вели дека немало поактивен заменик-генерален секретар од него и дека официјалните причини за неговото разрешување што ги наведоа од партијата се лага. Партискиот портпарол,пак, тврди дека причините за неговото разрешување се сосема поинакви.
Костадин Богданов очекува на вечерашната седница на Централниот комитет на партијата и тој да биде разрешен. Но, доколку не се случи тоа, подготвен е и самиот да си даде оставка, затоа што, како што вели, не сака да учествува во предизборна кампања, што ќе биде насочена против Договорот од Преспа, што тој лично го поддржува. На вечерашната седница ќе биде и Митко Јанчев, кој синоќа отсуствуваше. Вели дека тој нема никакви очекувања, но ќе ја почитува одлуката на Централниот комитет.
Извори за Телма велат дека разрешување од Извршниот комитет и се заканува и на пратеничката Даниела Рангелова, а дека му се одземени дел од ингеренциите и на координаторот на пратеничката група, Драган Данев, кој исто така излезе на гласање на референдумот. Тој синоќа беше во партијата и изјави дека нема да гласа за уставни измени, а ако има тајно гласање, ќе ја напушти седницата. Пратениците,пак, денеска ги негираа наводите во некои медиуми дека потпишале платформа дека нема да гласаат за уставни измени.
И од Демократската фракција на ВМРО-ДПМНЕ, предводена од Јове Кекеновски и Филип Петровски ги повикаа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да не подлегнуваат на уцени, закани и обиди за подмитување, затоа што немаат мандат од македонскиот народ за негово обезличување. Во пресрет на се поизвесните избори, го повикуваат партиското раководство на отворен разговор за да се обединат на принципиелна основа. Во повикот се вели дека се неопходни нови постулати кои ќе го возобноват компромитираното и руинирано партиско ткиво. „ Потпирање на политичарите кои имаат ,,сопствен став на дневна основа” поттикнат од надворешни фактори не можат да донесат промени „, велат од Демократска фракција.
Далиборка Дамјанска Цветановска