Почнаа отказите на роднини на функционери

Првиот отказ на роднина на функционер го даде  мајката на портпаролот на СДСМ, Фанија Костадинова. Нејзиниот син денеска најави дека таа се повлекува од работното место во Централниот регистар во Струмица.

Костадинов не открива каде ќе работи сега неговата мајка, но вели дека тоа нема да биде во државна институција.

Отказ си даде и синот на потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски, кој беше вработен во Агенција за супервизија на осигурувања. Кристијан Мисовски,според тврдењето на неговиот татко, бил вработен на определено време, како единствен кандидат кој ги исполнува сите услови, вклучително и поседување на меѓународен ИТ сертификат. Отказите доаѓаат по најавата на премиерот Заев дека дел од роднините на функционерите ќе се повлечат од работните места, каде беа вработени по доаѓањето на новата влада.

Во меѓувреме, ВМРО-ДПМНЕ денеска откри нова афера, за сестра на пратеник од Неготино, вработена во училиште.

Во Неготино и градоначалникот Тони Делков, си ја вработи сопругата Надица Делкова во училиште кое е директно под негова ингеренција. Тоа е и еден од 18-те случаи што се проверуваат во Антикорупциската комисија. Меѓу нив се и синот, сопругот и братот на пратеничката Мира Стојчевска, кои се вработени во ЕЛЕМ, Шумска полиција и РЕК Битола. Се проверуваат и вработувањата на  сестрите на министрите за култура и за економија, Асаф Адеми и Крешник Бектеши во енергетски компании, како и на сестрата и на дедото на пратеникот Александар Кирацовски. На проверка е и вработувањето на ќерката на Талат Џафери, на синот на пратеничката Милева Ѓорѓиева и на сопругата на пратеникот Зеќир Рамчиловиќ во МВР, на внуката на прилепскиот градоначалник и тоа директно во општината, како и на сопругата на беровскиот градоначалник во основното училиште исто така под негова ингеренција.

Далиборка Дамјанска Цветановска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ