Почна втората фаза од преговорите за членство во НАТО

Почна втората фаза од преговорите за членство во НАТО кои ги опфаќаат деталните аспекти на членството, вклучувајќи ги и политичките, воените и правните прашања. Ова е фаза пред членство во Алијансата. Во оваа фаза ќе биде утврдена и временската рамка за комплетирање на процесот, што во нашиот случај е крајот на декември.

Македонската делегација во која се министерката за одбрана Радмила Шеќеринска и националниот координатор Стево Пендаровски, денеска во Брисел во седиштето на НАТО, се сретнаа со заменик генералниот секретар на Алијансата Роуз Готмилер и помошник генералниот секретар Алехандро Алварогонзалез во рамките на тековниот процес и преговори за членство во НАТО.

На средбата Шеќеринска истакна дека нашата земја постигнала забележителни успеси во реформите како исполнување на стандардите од сите земји членки на НАТО и додаде дека во оваа фаза останува последниот чекор што треба да биде направен – пратениците во Собранието на РМ да го одобрат Договорот од Преспа како единствен пат до целосната реализација на членството во алијансата.

Пендаровски пак информирал дека согласно Планот, е почнато со реализацијата на обврските што произлегуваат од пристапните разговори а фокусот е на реформите во одбраната и безбедноста, како и во областите како што се владеењето на правото, судската реформа, борбата против корупцијата и организираниот криминал, реформата на јавната администрација, реформите за следење на комуникациите и разузнавачките служби.

Пристапниот процес за членство во Алијансата почна во јули годината откако Македонија ја доби поканата за членство на Самитот во Брисел. Од нашата држава, покрај уставните измени, се очекува реформи во одбранбениот систем, модернизација на армијата и зголемување на буџетот за  одбраната.

Доколку се оди според планот во јануари идната година треба да се потпише протоколот за пристапување на државата во сите тела и органи на НАТО, но без можност да гласа, а приемот во полноправно членство ќе се случи откако земјите членки ќе ги ратификуваат протоколот и тоа секоја посебно. Планирано е тоа прва да го стори Грција откако Преспанскиот договор ќе биде целосно импелментиран.Очекувањата се дека до март 2020 година Македонија ќе стане полноправна членка на Алијансата.

Огнен Чанчаревиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ