Почна уписот на првачиња под строг протокол во време на пандемија

Со дваесетминутна пауза од еден до друг разговор со децата, денес започна уписот на новите првачиња.

Училиштата имаат посебен протокол од кој не смеат да отстапат. Него го усвои Владата во петокот и така ги утврди насоките според кои ќе се спроведе уписот кој ќе трае еден месец.

Пред да се дојде на ред кај училишната Комисија, има неколку филтри. Како и во секоја институција, геловите за дезинфекција и маските се задолжителни.

Родителите не можат кога сакаат да ги донесат децата за упис туку треба да почекаат да бидат поканети од училишните служби. Вообичаениот метеж во училишните дворови на првиот уписен ден е минато во време на пандемија.

„Обезбедени беа средства за дезинфекција, маски и ракавици во случај да родителите не носат со себе заштитна опрема. Имаме и термална лампа за мерење на температура при влезот во училиштето. Има канти за отпадоци со капак, марамици коишто се дезинфекција на приборот којшто децата ќе го користат. Просторијата се дезинфицираше после секое дете целосно – подот, работните површини, целиот прибор којшто се користи“ – Јулијана Тодоровска – Директор на ОУ „Димитар Македонски“.

Во училиштето Димитар Македонски во населбата Лисиче, денес за упис дошле четири деца. Списокот со резултатите од уписот ќе го почекаат најдоцна до 15 јули.

„Денес од поканетите според списокот од МВР и од реонизацијата која што ја имаме и којашто треба да се почитува беа дојдени четири дечиња за упис, меѓутоа денес е прв ден, распоредени се и во со следните денови ќе си доаѓаат според предвидениот распоред“ – Јулијана Тодоровска – Директор на ОУ „Димитар Македонски“.

Во дел од училиштата каде што постојат услови и надворешни училници, разговорот со идните ученици се спроведува на отворено, за да се намали ризикот од зараза во затворен простор.

Од Образование официјалните информации околу конечната бројка на запишани првачиња во новата учебна година ја објавува во септември.

Но, информациите од министерството велат дека во просек секоја година се околу 20 илјади.

Петар Догов

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ