
Почна седницата за Договорот за името
Собранието на Република Македонија денеска ја започна 51. седницата на која на дневен ред е Предлог-законот за ратификација на договорот за решавање на спорот за името, по скратена постапка.
На седница присуствуваат пратениците и од владејачкото мнозинство и и од опозицијата. Очекувањата се дека ратификацијата на договорот во Собранието ќе се случи до крајот на неделата.
Пратениците на денешната седница ќе се изјаснат за потребата за донесување на законот за ратификација на договорот. Имајќи предвид дека законот е со европско знаменце и ќе се носи по скратена постапка, се очекува доколку денеска биде прифатена потребата за неговото носење веднаш да биде закажана седница на Комисијата за европски прашања. Комисијата ќе има два дена односно до среда на полноќ за разгледување на договорот. Откако ќе помине на Комисијата, Предлог-законот за ратификација на договорот повторно ќе се најде на пленарна седница за да биде финално ратификуван.
За ратификација потребно е обично мнозинство, односно мнозинство од присутните пратеници. Минимален кворум за работата на законодавниот дом е 61 пратеник.
Претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери вчера во изјава за МИА кажа дека очекува до петок договорот за решавање на спорот за името да биде ратификуван од страна на Парламентот и тој да биде пратен кај претседателот на државата Ѓорге Иванов.
Oд вчера се веќе почнати консултациите во пратеничките групи за дејствувањето на седницата иако ставовите на нивните партии се веќе познати во јавноста.
Вчера доцна попладне координација одржа пратеничката група на СДСМ и коалицијата, додека денеска пред седницата координација ќе одржи и пратеничката група предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Партиите од владејачкото мнозинство предводени од СДСМ и ДУИ се очекува да гласаат „за“ ратификација на договорот, а вчера поддршка за договорот изразија и пратениците од опозициските партии на Албанците од Беса и Алијансата на Албанците.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ посочија дека пратеничката група ќе одржи координација пред седницата на која ќе договорат како ќе дејствуваат, но дека нивниот став ќе биде во согласност со најавите од партијата. Очекувањата се дека тие нема да го поддржат договорот имајќи ги предвид изјавите на нивниот лидер дека ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи уставни измени за промена на уставното име.
По донесувањето од страна на Парламентот договорот треба да биде испратен до претседателот Иванов, кој има рок од седум дена да го потпише.