
Почна референдумското гласање
Почна референдумското гласање. Во Државната изборна комисија се полни првата гласачка кутија. Право на глас имаат 104 членови во избирачките одбори кои ќе го спроведат гласањето во дипломатско конзуларните претставништва на Република Македонија во странство.
Македонските државјани во дијаспората ќе можат да гласаат во сабота, ден порано пред централното гласање за референдумот во Македонија.
- На 29 септември покрај 2694 наши граѓани коишто се пријавија за гласање во некои од 33те конзуларни претставништва, своето гласачко право ќе можат да го остварат 1558 гласачи кои се наоѓаат во некои од казнено поправните установи, потоа 7 гласачи кои се наоѓаат во центарот за внатрешно раселени лица, како и околу 2000 гласачи коишто до општинските изборни комисии поднесоа известување дека сакаат да гласаат во своите домови како болни или немоќни лица, соопшти портпаролката на ДИК, Љупка Гугуческа.
Најмногу пријавени македонски државјани за гласање во странство има во Берн, повеќе од триста. Најмалку, десетмина, аплицирале во дипломатско конзуларното претставништво во Будимпешта.
Во сабота на 29ти септември, зголемен ангажман ќе имаат и службите на Министерството за внатрешни. Сите одделенија за управни работи ќе работат во текот на целиот викенд. Итно ќе се издаваат лични документи за да им се овозможи на граѓаните да го остварат своето гласачко право.
- Сите барања за издавање лична карта – оштетена, изгубена или украдена, по законски спроведена постапка ќе се одобруваат итно во сите регионални одделенија за управни работи при МВР, доколку подносителот нема важечка патна исправа. Барањата за лични карти ќе се одобруваат заклучно со сабота, до 16:30 часот. Веднаш по примањето на барањето за лични карти, одделот за информатика ќе ги изработува и ќе ги доставува до надлежниот сектор за дистрибуција, соопшти Ивица Илиевски – Советник за медиумско истражување во одделот за односи со јавност на МВР.
Македонските државјани кои се пријавиле за гласање во странство се запишани во посебен извод од избирачки список кој е важечки само за дијаспората. Ако некој од нив допатува во Македонија на 30 септември, нема да биде во можност да гласа во земјата.
Петар Догов