
Почна прекројувањето на министерските места
Почна прекројувањето на министерските, заменик-министерските и местата на државните секретари и директори. Се ослободуваат фотељи за кадри на новите коалициони партнери во власта, со кои синоќа завршило усогласувањето на програмските определби. Во игра се двете крила на БЕСА и ДПА, со чии пратеници парламентарното мнозинство ќе се зголеми за седум пратеници.
Премиерот тврди дека нема опструкции од коалиционите партнери за влез на овие партии во власта. Вели дека, генерално, сите се позитивни за зголемување на парламентарното мнозинство.
Во БЕСА на Билал Касами ги чекаат предлозите на премиерот, по што за нив ќе треба да се изјаснат и партиските органи. Не им пречи што премиерот преговара и со крилото на Африм Гаши, со кого водат судски спор за правото на името, логото и печатите на партијата.
Од другата страна, пак, денеска молчат. Пред извесно време Гаши изјави дека Заев ќе мора да избере меѓу него и Касами, затоа што не сака внатрешните проблеми да ги донесат и во владата. Мендух Тачи, досега ниту еднаш не се произнесе во јавност околу понудата и тој да влезе во власта.
Далиборка Демјанска