Почна масовното тестирање на работничките од штипските конфекции

Почна масовното тестирање на околу 500 работници од петте конфекции, кои се затворени, бидејќи имале контакт или се превезувале во исти автобуси со заразените работници од штипската конфекција, која една недела е затворена, а 55 отсто од работниците се позитивни на Ковид 19. Два тима од штипскиот Центар за јавно здравје се на терен и ги земаат брисевите по домовите на работниците, а третиот е на пунктот во Здравствениот дом, каде што се земаат брисеви по упат од матичен лекар.

  • На помош денеска ни пристигнаа и двајца лаборанти од Ценатрот за јавно здравје-Кочани. Сметаме дека во кадровскиот дел сме екипирани и со оваа помош ќе го извршиме тестирањето на текстилните работници, велат од Центарот за јавно здравје-Штип.

Кризниот штаб и Комисијата за заразни болести сметаат дека ако сите се дисциплинирани ќе се затвори кругот. Владимир Милошев државен секретар во Министерството за здравство вели дека на Комисијата за заразни болести утринава анализирани се денешниве бројки, во однос на состојбата со Штип, утврдено е дека се помали од вчера и поради тоа не е донесена одлука за препорака за карантин или воведување на полициски час. Побара од работниците кои се опфатени со тестирањето да не шетаат низ градот, туку да седат дома се додека не ги добијат резултатите, за да на тој начин се спречи ширењето на коронавирусот.

Но, на социјалните мрежи загрижуваат лажните вести и пропаганда, која ја прават неколку работнички, кои одат до таму и ги повикуваат останатите да не се тестираат. Кристина Ампева од Гласен Текстилец револтирана од овие работници ги повика партиите и верските заедници да излезат на терен и да го едуцираат населението за опасноста од болеста.

  • Се молат политичките партии да ги едуцираат своите членови и поддржувачи. Попови, оџи, што и да е. Ние не можеме. Доктори, ви благодарам за ангажманот, ризикот. Можете да си земете одмор и бидете со вашите семејства, вели во фејсбук статусот Кристина Ампева НВО Гласен Текстилец-Штип

Со стопирањето на производствениот процес во петте конфекции, здравствените власти сметаат дека ширењето на вирусот ќе се стопира во текот на наредните денови. На инфективното се хоспитализирани 16 и се со средна клиничка слика.

Викторија Јованова

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ