Почна дијалогот за пописот

Во Собранието, прва средба на власта и опозицијата на тема: попис. Пратеничките групи на СДСМ и ВМРО ДПМНЕ почнаа разговори околу законскиот текст што Владата го испрати уште минатиот месец. Собраниски извори велат дека недоразбирањата не се веднаш надминати, па разговорите ќе продолжат наредните денови во обид да се расчистат дилемите, да се отстрани недовербата и да се стигне до законски прифатливи решенија.

 Опозицијата остро се спротивстави на можноста за попишување на државјаните кои подолго живеат надвор од земјата само со нивниот матичен број. Најави бојкот, што би довел до уште еден пропаднат обид за попис.

Од Владата велат дека за разлика од претходниот, неуспешен попис од политички причини во 2011, овој  ќе ги опфаќа сите лица како единици на попис, вклучувајќи ги и оние што се отсутни од државата.

  • Цело време ќе се почитуваат пропишаните стандарди на статистичката служба на Обединетите нации и на Еуростат со дефинирање на категории на население. Тука нема да има никакво отстапување. Можноста за попишување на лица кои живеат надвор од државата ќе биде малку поспецифична, со можност за самопопишување на посебна веб апликација, соопштија од Владата.

Разговорите меѓу пратеничките групи почнуваат еден месец по закажаната па експресно откажана седница на Комисијата за европски прашања, кадешто беше ставен на разгледување владиниот предлог-закон. Паралелно со собранискиот дијалог, можно е да се бара решение и на лидерска средба. Премиерот Заев за еден месец втор пат јавно посочува дека со опозицискиот лидер Мицкоски треба да разговараат барем на три теми: попис, СЈО и изборен модел. Од ВМРО ДПМНЕ сметаат дека блефира.

Во земјава немало попис 17 години. Попишувањето што се подготвува за април 2020-та треба да го спроведе Заводот за статистика како овластен носител на статистички истражувања. Методот ќе биде комбиниран: интервју лице в лице и споредба со податоците од базите на повеќе државни институции. По пробниот попис во делови од 13 општини минатиот месец, претстои подобрување на апликативниот систем и обука на над 5 илјади попишувачи. Донесувањето на законот е неопходно заради непречени натамошни подготовки.  

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ