Почна да се гради парцелата кај Мајчин дом – Општината „крева“ раце

Заградениот дел од зеленилото кај Мајчин Дом пред една година беше симболично искористен за партија маалски фудбал. Денес земјиштото е подготвено за работниците и механизацијата за изградба на одобрениот проект.

Незадоволството на активистите и граѓаните е насочено кон Златко Марин, градоначалникот кој дел од својата кампања токму го посвети на можно спречување на деталниот урбанистички план каде е вклучена и оваа нова зграда.

На парцелата инвеститорот најавува дека ќе засади дрва и ќе го уреди просторот. Зсв ком на лицитација преку приватна банка го презеде градежното земјиште, а според поднесениот проект ги доби сите правни одобрувања за градба од општината.

Градоначалникот Марин и општинското раководство велат дека дупот и10 беше донесен без најава и дебата од претходникот Ивица Коневски. Го запрашавме Марин за ветената ревизија и можниот прекин на изградба во урбаните делови на Аеродром за што граѓаните и натаму се незадоволни.

„Согласно со барањата на градоначалникот Марин, Општина Аеродром веќе ги разгледа сите можни правни механизми за спречување на градбата пред Мајчин дом. Општината активно соработува со Уставниот суд, каде што се доставени сите потребни документи во однос на ДУП И10, за кој се поднесени повеќе претставки. Уставниот суд до денес нема донесено никаква одлука за овој предмет, ниту го има ставено на мирување, ниту го има поништено ДУП И10. Барање за дозвола за градба на плацот пред Мајчин дом во меѓувреме пристигна и Општината е законски обврзана да го процесира, согласно со позитивните законски регулативи и параметрите на сѐ уште активниот ДУП И10“, соопштија од Општина Аеродром.

За неисполнетите ветувања активистите веќе бараат оставка од Златко Марин бидејќи урбаната експанзија не е сопрена.

Од општината пак, уверуваат дека постапките за следните дупови ќе бидат транспаренти согласно потребите на граѓаните.

Христијан Станоевиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ