
Почина жена заглавена во лифт со екипата на Брза помош, која ја спасувале пожарникари
Во драма со расипан лифт, почина 68-годишна срцево болна жена, а за малку ќе настрадале тројца членови од тим на Итната медицинска помош кои биле на задача да и помогнат на жената.
Инцидентот се случил ноќеска по полноќ, кога Итната помош добила повик за сериозна состојба на пациентката на улица Никола Парапунов во Карпош 4. Откако и дале инекција, возачот, докторката и медицинската сестра ја зеле пациентката да ја носат на клиниката за кардиологија. Лифтот наместо во приземје, застанал во подрумот, а вратата била заглавена. Сите 4 патници почнале да се гушат, а пациентката поради тешките срцеви проблеми починала и покрај пружената лекарска помош.
Медицинарите не можеле да викнат помош бидејќи во подрумот немало мрежа па телефоните не работеле. Почнале да се гушат, а успеале во еден ќош од заглавениот лифт да фатат мрежа и да ги известат во централата дека се заглавени и дека и на нив им треба помош и спасување. Биле повикани и пожарникари да ги извлечат.
Жител на зградата кој го оставал велосипедот во подрум ги слушнал заглавените како тропаат на вратата на лифтот и им кажал на пожарникарите да се повика лифтот на горните спратови. Лифтот тогаш тргнал и заглавените се спасиле.
Од скопската итна помош велат дека нивниот тричлен тим преживеал трауми, но немале повреди од дефектот. Упатуваат апел надлежните да ги контролираат лифтовите за да не се случат слични трагични настани, откако не успеале да ја пренесат болната жена до болница, а и тимот на итната помош можел да настрада.