
Почина уште еден повреден од трагедијата во с. Романовце
Трагедијата во кумановското село Романовце која се случи при експлозија на плинска боца ја зема и седмата жртва. Утрово почина и Ељеса Алими, член на семејството во чија куќа се случи несреќата. Во моментов на Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ се сместени тројца пациенти кои беа веднаш пренесени по експлозијата.
- Жена на 31 годишна возраст која што и при самиот прием, а и денеска е во најтешка состојба се бори за живот. Она е на механичка вентилација се прават редовни преврски и грижа на целиот тим кој е вклучен во третманот. Меѓутоа за прогнозата е неблагодарно да се зборува на 80 % површина изгореност на телото и изгореници на дишните патишта кај неа повеќе ја оптеретува состојбата. Втората пациентка е на 28 годишна возраст и е со најмал процент на изгореност околу 25% и неколку дена е на оделение значи не е во интензивна нега. Кај неа оптеретувачка околност е дека е седми месец бремена, информираше д-р. Љубен Арсенков, в.д директор на Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“
Целата примена терапија и анестезии за време на бременоста во консултација со гинеколози би дало насоки што понатаму да се прави. Десетгодишното дете е уште во интензивна нега во релативно стабилна состојба и е на апарати за механичка вентилација, вели доктор Арсенков. Во експлозијата на плинската боца во семејната куќа во село Романовце на лице место загинаа три деца, а шест лица беа пренесени во Ургентниот центар во Скопје и Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“. Кусо по нивната хоспитализација животот го загуби нивниот дедо. Битката за живот ја загубија уште тројца членови на семејството кои била на гости кога се случила несреќата.
Нина Стефанова