Почина судијата Билески- поради чија лустрација беше осомничен пратеникот Милошоски, а  учествувал и во носење доживотна пресуда со ослободителна ДНК анализа

Викендот во Кичево е погребан поранешниот судија Драги Билески кој беше лустриран за што подоцна СЈО во предметот „Моќник“ го осомничи пратеникот Антонио Милошоски. Билески во 2005-та бил и дел од судскиот свет што на доживотна казна затвор за двојно убиство ги осуди Анте Ристески и Игор Мирчески, иако ДНК анализата ги ослободувала од вина за убиство на една жена, кое подоцна е поврзано со мистериозно самоубиениот новинар Владо Танески.

Билески беше лустриран во процесот на лустрација, но ја доби државата на Европскиот суд за човекови права затоа што не му била овозможена фер постапка и не биле земени во предвид доказите кои се во негова полза.

Потоа беа поништени македонските одлуки во управните постапки кои претходно Билески ги изгубил. За одлуките бил известен и Судскиот совет кој откако ќе добие барање ќе можеше да ја укине претходната одлука за разрешување на Билески. Обвинителството не отвори истрага против 6-те управни судијки кои не ги прифатиле доказите на Билески и ја потврдиле лустрацијата. За три судијки застарело делото, а за трите од Вишиот управен суд немало дело, одлучи обвинителството.

По една од бомбите кои СДСМ ги објавуваше во 2015-та, опозицијата посочи дека се слуша како пратеникот Антонио Милошоски ја нарачува лустрацијата на кичевскиот судија од тогашниот претседател на лустрациската комисија Томе Аџиев. Аџиев тврдеше, а истото го тврди и денеска дека пратеникот само се интересирал до каде е случајот.

Таа бомба е дел од случајот „моќник“ кој СЈО го покрена против 12 лица меѓу кои се Милошоски, неговиот татко, но и членови на лустрациската комисија, како и поранешен градоначалник и советници во општина Македонски Брод. Случајот се однесува за откупена државна зграда која била користена од општина Пласница, а купувач бил таткото на пратеникот.

По случајот Рекет и распадот на СЈО, предметот е испратен во редовното обвинителство, но нема информации докаде е постапката иако и обвинителката Фетаи еднаш рече дека наскоро може да се очекува обвинение.

Името на Драги Билески последните денови беше повторно актуелизирано откако власта упати предлог во Собранието да се донесе закон за укинување и поништување на одлуките од процесот на лустрацијата. Неговиот судски предмет се користеше од власта како доказ за нивното тврдење дека лустрацијата се одвивала незаконски и била политичка пресметка со неистомисленици. Опозиционата ВМРО-ДПМНЕ пак се противи на поништувањето на лустрацијата затоа што сметаат дека со тоа се легализира кодошлукот од време на комунизмотр кога настрадале многу невини луѓе поради патриотски македонски идеи.

Билески во 2005-та беше судија во двочлениот совет во кичевскиот суд кој донесе пресуда за доживотна затоворска казна за двајца кичевчани обвинети за две убиства на Радослав Божиноски и Митра Силјаноска. Осудените го признаа убиството на старецот, но негираа дека ја убиле Митра Силјаноска.

Подоцна со истражување во емисијата КОД беше откриено дека двајцата се осудени иако имало ДНК анализа која оди во нивна полза за убиството на Силјаноска. ДНК-анализата утврдила дека тие не се извршители на делото силување бидејќи биолошките материјали најдени во убиената припаѓале на непознат маж. ДНК анализата ја немало ниту во кривичната пријава на полицијата, ниту во обвинението, но ја има во судскиот предмет иако надлежните не можеа да утврдат кој ја доставил таму.

Во 2008-ма по откривањето на кичевските сериски убиства и апсењето на осомничениот новинар Владо Танески, убиството на Силјаноска беше поврзано со Танески бидејќи е извршено на ист начин како и убиството на уште две други постари жени.

Истрагата никогаш не заврши, бидејќи Танески мистериозно се самоуби во кофа со вода во келија во тетовскиот затвор. ДНК анализата на негов примеро, но и примерок најден во жртвите покажа дека станува збор за ист профил на исто лице. Истиот профил е најден и во машки примерок во убиената Силјаноска.

Истражувањето покажа дека надлежните органи никогаш не ги споредиле ДНК анализите кои покажуваат дека двајцата осуденици се виновни за едно убиство, а не и за второто за кое се прогласени виновни и покрај тврдењата дека биле тепани и малтретирани од полицајци и истражители. Барањата за повторно судење им беа отфрлени.

Преклани во затвор се самоуби Игор Мирчески, еден од осудените на доживотна казна.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ