Почина Салаетин Билал, доајен на Турскиот театар

По долго боледување, на 76 години, почина доајенот на Турскиот театар, Салаетин Билал. Во матичната куќа работеше како актер од 1964 до 2007 година, кога се пензионира. Паралелно играше и во Алабанскиот театар, а гостуваше и на други домашни сцени, остварувајќи околу 70 улоги. Беше ангажиран и во телевизиски и филмски проекти, каде оствари 40 улоги, соработувајќи со режисерите Бранко Гапо, Димитрија Османли, Ацо Поповски, Дарко Митревски, Милчо Манчевски, Столе Попов и др.

Интересот кон театарот го манифестира и како режисер на 4 претстави, преведуваше текстови, а беше и директор на Турскиот театар.  Во 1976 година, за ликот на Ахмет Нурудин, во претставата „ Дервишот и смртта“, Билал доби награда за најдобар актер од списанието „ Екран“ и од фестивалот „ Војдан Чернодрински“, кој го награди и за улогата на Аздах во „ Кафкаски круг со креда“, а од фестивалот доби и награда за животно дело. За својата самопрегорна и успешна работа Салаетин Билал освои  и „13-то Ноемвриска“, „11-то Октомвриска“ и награда за епизодна улога „ Димче Трајковски“.

Останува запаметен како врвен професионалец кој од од сцената зрачеше со господствена енергија. Салаетин Билал беше погребан денеска, на  градските гробишта во Бутел.

Сотир Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ