
Почина радио актерката Таска Балабанова
По долго и тешко боледување, на 85 години во Скопје почина актерката Таска Балабанова, со чиј глас израснаа многу генерации слушатели на Радио Скопје, денес Македонско радио. Таска Балабанова е родена во Велес.
Како актерка, кариерата ја започна во некогашниот Младинско- куклен театар , од кој во 1965 е формиран Драмскиот театар. Балабанова потоа замина во Радио Скопје, каде до пензионирањето работеше како радио актер и го позајмуваше својот глас во бројни радио драми, во „Веселата емисија“, „Лирското интермецо“, култната серија „Хихирику“. Незаборавна е нејзината интерпретација на ликот Олива во цртаната серија „Попај морнарот“, како и надсинхронизациите во серијата Штрумфови.
Играше стамени жени и дами во филмовите и тв сериите: „Средба“, „ Едно лето“, „ Илинден“. „Време на летала“, „Трето доба“, „Мугра“, „ Македонски народни приказни“ и „Време – живот“.
Објави интерпретации на приказни за деца, а ги снимаше и првите реклами во 1950-те години.
Посмртните останки на Таска Балабанова ќе бидат изложени во капелата на градските гробишта во Бутел, в петок во 10 и 30 часот, а погребот ќе биде извршен во 11 и 30 часот.